Дипломатија

По седум години пауза реактивиран Амбасадорскиот совет

18.08.2026 17:08

Македонските амбасадори и генералните конзули во четврток и петок ќе одржат Амбасадорски совет, на кој ќе се направи пресек на досегашната работа и ќе се утврдат приоритетите за следниот период. Муцунски вели, дипломатијата не смее да биде пасивна.

По седум години пауза Абасадорскиот совет седнува на иста маса во четврток и петок. Ќе биде можност за пресек на досегашната работа, усогласување на ставовите и дефинирање на новите приоритети и задачи за македонските дипломатско-конзуларни претставништва во странство.

Целта, пресек на сработеното, да ги усогласиме позициите и целите за следниот период, рече шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски. Во време на длабоки геополитички промени, растечки безбедносни предизвици и сè покомплексни меѓународни односи, дипломатијата не смее да биде пасивна, посочува Муцунски. Дипломатите ќе имаат отворен разговор со претседателката Сиљановска, премиерот Мицкоски и спикерот Гаши.

Европската интеграција останува еден од нашите централни стратешки приоритети. Нашата дипломатска мрежа има задача јасно и аргументирано да ги претставува нашите позиции и реформски резултати пред европските партнери. Да бараме фер и предвидлив европски процес, заснован на резултати, европски вредности и заемна почит – рече Муцунски, нагласувајќи дека дијалог со европските партнери, институции и со Бугарија постојано има.

Македонија очекува систем на гаранции од европските институции, почитување на реципроцитетот во однос на човековите права и решение што ќе ги заштити позициите на земјава, заклучи шефот на дипломатијата, кој во следниот период најави повеќе посети и разговори со европските колеги.

Миле А. Ристески