Британија останува цврсто зад Украина, Москва се заканува со „последици за Лондон“
Велика Британија ќе продолжи „100 проценти да ја поддржува Украина“. Оваа изјава на премиерот Барнам следува откако Москва предупреди на „последици за Лондон“, по потврдата дека британски дронови биле користени во украински напади врз цели на руска територија.

Велика Британија ќе продолжи „100 проценти да ја поддржува Украина“. Оваа изјава на премиерот Барнам следува откако Москва предупреди на „последици за Лондон“, по потврдата дека британски дронови биле користени во украински напади врз цели на руска територија.
„Ова што Велика Британија го прави е тоа што долго време го кажуваше дека ќе го направи - да ја поддржи Украина 100 проценти против оваа нелегална војна предводена од Владимир Путин. Ние обезбедуваме поддршка за Украина да може да се одбрани и ќе бидеме таму кога е потребно, и тоа нема да се промени“, изјави Енди Барнам, премиер на Велика Британија.
Украина ги засили нападите врз Москва и околината, особено насочени кон рафинериите за нафта. Според Русија, последниот напад е еден од најмасовните во изминативе две години, во кој има и повредени. Противвоздушната одбрана соопшти дека соборила над 190 беспилотни летала. Погоден е и магацин на најголемата руска компанија за онлајн-трговија, при што избувнал пожар. Зеленски претходно најави засилување на украинските единици и продолжување на ударите со долг дострел.
„Ги продолжуваме операциите со долг дострел. Приоритетите за длабоки удари до септември веќе се утврдени, а работиме и на обезбедување дополнителни финансии и ресурси за овие операции“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
И Киев јавува за смртоносни руски удари врз Запорожје и Харков. Властите продолжуваат со проценка на последиците од нападот.
Катерина Бојаџиева
