Нашите очекувано, сензација на Загреб
Вардар се врати дома со полн плен од Словенија, Металург потклекна пред ПСЖ, Кире и Барселона ја освоија Шведска, а најголемото изненадување на првата ракометна шампионска рунда, е Прво плинаско друштво.

Вардар се врати дома со полн плен од Словенија, Металург потклекна пред ПСЖ, Кире и Барселона ја освоија Шведска, а најголемото изненадување на првата ракометна шампионска рунда, е Прво плинаско друштво.
Мега составот на вицепрвакот проработе доцна на мечот со Цеље, но сепак успеа да се врати во Скопје со победа (26:27) во првиот меч на реконструираната екипа, што сезонава треба да стигне дури и чекор подалеку од минатата, барем такви се очекувањата на македонската спортска јавност. На голот блескаше Штербик со 21 интервенција, нападот го предводеа Дибиров (11 голови) и Душебаев (8 голови).
Нашиот шампион, подмладен и без Ренато Вугринец, реално немаше шанси против уште посилната (од претходната сезона) екипа на ПСЖ, која што минатата година си дозволи луксуз во СЦБТ, но сега одработе според планираното (22:27). Натпреварот не наликуваше на оној (дебакл) во елиминациите против Кил минатата сезона, но француските ракометари сепак видно ја демонстрираа разликата меѓу нив и Металурзите. Миркуловски постигна 5 гола, тоа неуморно момче кое што е главниот мотор на играта на составот од Автокоманда во последната деценија, години во кои што проживеа ѕвездени и моменти за заборав со својот клуб, но останува урнек со однесувањето и со професионалноста на теренот.
Кога сме кај Кил, германската машинерија сезонава е во група со шампионот на Македонија, но на воведниот испит беше посрамотена во хрватската престолнина. Таму е уште еден наш добар познаник, „легендата“ на Вардар, Веселин Вујовиќ. Вујо ја одработува казната од 2 меча за напад на судии додека ги водеше црвено-црните (првиот меч на клупата на Загреб во ЛШ ќе го одработи во Загреб против Металург), па на успехот на неговата нова екипа се радуваше од трибините. Прво плинарско друштво Загреб го совлада моќниот Кил (27:25) и ја замеша до бескрај, групата А.
Македонија има своја ѕвезда во елитата, во името на Кирил Лазаров во дресот на Барселона, а шпанскиот претставник во елитата и годинава се наметнува како кандидат за највисок пласман, што впрочем е и единственото нешто на агендата на Каталонците. Шпанскиот шампион се загреваше во првото коло кај Алингсас, нашиот капитен постигна 6 голови колку што имаше и Карабатиќ, а најефикасен во победничката екипа беше Нодесбо со 9 погодоци.
