37 пожари на отворено во едно деноноќие, три сè уште активни
Активни пожари има во општините Студеничани, Македонски Брод и Прилеп.

Во изминатото деноноќие во земјава се регистрирани 37 пожари на отворен простор. Од нив, три се активни, еден е ставен под контрола, а останатите се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи.
Активни пожари има во општините Студеничани, Македонски Брод и Прилеп.
Во Студеничани гори мешана шума во регионот на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер. Во Македонски Брод гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки на неколку локации кај селата Драгов Дол и Локвица, како и на местото „Видуш“.
Во Прилепско активен е пожарот кај селото Чаниште, кој се движи во два правца – кон селата Зовиќ и Крушевица. Зафатена е ниска вегетација.
Пожарот на депонијата во Делчево, според последните информации до 7:30 часот, е ставен под контрола.
Во текот на изминатото деноноќие пожарникарите интервенирале и во повеќе други општини, меѓу кои Ѓорче Петров, Сарај, Штип, Долнени, Кичево, Гостивар, Аеродром, Арачиново, Могила, Новаци, Радовиш, Струмица, Чашка, Велес, Зелениково, Виница, Кочани, Липково, Кратово, Старо Нагоричане, Ранковце, Брвеница, Тетово и Јегуновце.
Мешана шума горела и во регионот на селата Копанце и Туденце во Јегуновце, при што пожарот се проширил кон селото Бојане во општина Сарај.
