Нема заболени лица од вирусот на западнонилска треска во Пелагониско

19.08.2026 17:22

По информацијата за заболено лице од западнонилска треска во Пелагониско, покрај Скопскиот, и овој регион е мапиран како подрачје со регистриран случај на вирусот. Станува збор за 70-годишно лице од Скопје, кое престојувало во селото Пешталево, Општина Долнени, а кај кое кон крајот на јули бил регистриран вирусот, информираат од ЦЈЗ Прилеп. Согласно со епидемиолошката состојба, ЦЈЗ Битола, заедно со Општината, денеска ја започна четвртата превентивна ларвицидна дезинсекција, а од недела ќе започне и четвртата дезинсекција против возрасни комарци.

Случајот на лице заболено од западнонилска треска во Пелагонискиот Регион предизвика загриженост поради можноста вирусот, покрај во Скопје, да се прошири и во други делови од земјава. Од ЦЈЗ Прилеп информираат дека станува збор за 70-годишен жител на Скопје, кој привремено престојувал во селото Пешталево, Општина Долнени, а кај кого кон крајот на јули бил регистриран вирусот. Со оглед на тоа што ова е единствениот регистриран случај во регионот, не е исклучена можноста лицето да било заразено уште пред да пристигне во Пелагониско.

Иако епидемијата е локализирана во Скопскиот Регион, летото и зголемената активност на комарците ја зголемуваат потребата од внимателност насекаде.

Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени застоени води, мочурливи површини и одводни канали. Надлежните порачуваат дека граѓаните не треба да стравуваат и дека состојбата со комарците не е алармантна. Во Битола нема регистриран случај на западнонилска треска.

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, Македонија не е изолиран случај - вирусот е присутен и во други европски земји. Едно од најактивните подрачја е Атина, во соседна Грција.

Александра Максимовска