Евроинтеграции

Муцунски: Не бараме привилегиран третман, туку фер процес

19.08.2026 16:49

Македонија е подготвена да ги спроведе реформите и да ги исполни европските стандарди, но очекува напредокот да се вреднува според европски, а не билатерални критериуми, порача министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски по средбата со чешкиот колега Петр Мацинка. Чешка ја потврди поддршката за членството на земјава во ЕУ и понуди да го сподели своето искуство од пристапниот процес.

Наша стратешка определба е европската интеграција. Земјава е подготвена да ги спроведе реформите и да ги исполни европските стандарди, но процесот да биде кредибилен и предвидлив. Да сме вреднувани врз основа на европските стандарди, а не преку билатерални критериуми, изјави македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, по средбата со неговиот чешки колега Петр Мацинка. Ние не бараме привилегиран третман, ние бараме фер и европски процес – рече Муцунски.

Членството на Северна Македонија во ЕУ е приоритет за Чешка и подготвена е да го сподели сопственото искуство од пристапниот процес. Прага ја следи сложеноста на пристапниот процес на Македонија, порача чешкиот министер Мацинка. Тој оцени дека станува збор за мултилатерално прашање и прашање на договор, при што, како што рече, мора да биде постигнат консензус.

Македонскиот и чешкиот министер разговарале за продлабочување на соработката во транспортот, инфраструктурата, земјоделството, туризмот. Како земји-членки на НАТО разговарале за суштински променетата европска и глобална безбедносна средина.

Геополитичките промени повторно ги прават безбедноста, стабилноста и економската отпорност централни прашања за европскиот континент – заклучиле Муцунски и неговиот гостин Мацинка.

Миле А. Ристески