Гостивар

Водата во Гостивар безбедна за пиење, епидемијата сè уште во сила

19.08.2026 17:32

Водата од гостиварскиот водовод е безбедна за пиење, потврдуваат надлежните. И покрај тоа, поради стомачни вируси и високите температури, има зголемен број пациенти во амбулантите. Во меѓувреме, исправноста на водата останува тема на политички препукувања.

Водата во Гостивар е безбедна за пиење, но поради жештините и стомачни вируси, во амбулантите се пријавуваат пациенти, што е очекувано за овој период од годината, велат надлежните. Иако епидемијата е сè уште во сила, Центарот за јавно здравје од Тетово планира да стави крај, вели министерот за здравство Клековски.

Водата во Гостивар и натаму тема за партиски пресметки. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа градоначалникот Лимани да ги објави резултатите од испитувањето на водата. Сметаат дека Обвинителството треба да постапи и да бидат санкционирани сите што се одговорни за загадувањето на водата.

И СДСМ побара да се објават резултатите. Побараа да се соопшти која институција гарантирала дека водата е исправна.

Од Министерството за здравство објаснија дека мерењата на квалитетот на водата е под надлежност на јавните претпријатија, на Агенцијата за храна и ветеринарство и на Институтот за јавно здравје. Потврдија дека има небезбедна вода во некои селски чешми, но онаа од гостиварскиот водовод е исправна за пиење.

 

 

Анита Димитријевска - Велковска