Трамп му се заканува на Иран со нови санкции, Техеран разгледува напади врз американски цели во Европа
Трамп ги повика сојузниците да помогнат во изолирањето на Иран и се закани со „огромни економски последици“ за земјите што ќе му обезбедуваат поддршка.

Вашингтон соопшти дека не брза да ги продолжи преговорите со Иран, но предупреди дека може да воведе нови санкции по нападите врз бродови во близина на Ормускиот теснец. Не ја исклучува ниту можноста за продолжена воена кампања доколку Техеран не соработува. Трамп ги повика сојузниците да помогнат во изолирањето на Иран и се закани со „огромни економски последици“ за земјите што ќе му обезбедуваат поддршка.
„Имаме мерки со кои можеме да воведеме санкции. Имаме многу строги санкции и ќе видиме што ќе се случи. Во моментов теснецот е отворен и многу бродови минуваат. Поморската блокада беше исклучително ефикасна“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
„Фајненшл тајмс“ објави дека Техеран разгледува можност за напади врз американски воени цели во Европа, вклучително и во Бугарија, доколку Вашингтон дополнително го ескалира конфликтот.
„Презедовме дополнителни безбедносни мерки како претпазливост и се подготвивме за ниво на закана значително повисоко од она што моментално се пријавува преку разузнавачките канали. Постојано ја следиме ситуацијата и ќе продолжиме да применуваме превентивни и поинтензивни мерки“, изјави министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев.
НАТО порача дека е подготвен да одговори на секоја закана и дека ќе преземе сè што е потребно за заштита на сојузниците.
