МВР

Кривични пријави за проневера: Буџетот на Тутунски комбинат Прилеп оштетен за над 3,3 милиони денари

20.08.2026 09:47

Според полицијата, со фиктивни откупни белешки и префрлање на средствата на сметки на повеќе лица, АД „Тутунски комбинат“ Прилеп бил оштетен за 3.338.328 денари.

СВР Битола поднесе кривични пријави против три физички и едно правно лице од Прилеп, осомничени за повеќе кривични дела поврзани со прикривање и незаконска продажба на отпадно железо. Според полицијата, со фиктивни откупни белешки и префрлање на средствата на сметки на повеќе лица, АД „Тутунски комбинат“ Прилеп бил оштетен за 3.338.328 денари.

Според пријавата, првопријавениот Љ.Б. (59), во тој период координатор на група за обезбедување во „Тутунски комбинат“ – Прилеп, е осомничен за проневера во службата, злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа.

Второпријавениот К.С. (60), тогашен генерален извршен директор, се товари за несовесно работење во службата, додека Ј.Д. (41), сопственик и управител на фирма од Мало Коњари, е пријавен за прикривање и фалсификување службена исправа. Правното лице е пријавено за прикривање.

Полицијата сомничи дека во февруари 2022 година биле прикриени најмалку 185.000 килограми отпадно железо од Работната единица „Заводи“ – Мажучиште, кое било предадено на откуп во фирмата од Мало Коњари.

Наместо отпадот да биде евидентиран како приход на тутунскиот комбинат, биле изготвени фиктивни откупни белешки на име на осум физички лица, блиски на првопријавениот. Парите од откупот биле префрлани на сметки на седум лица и на сметката на Љ.Б., по што, според сомнежите, биле подигнувани во готовина и предавани на него.

На овој начин, на сметките биле префрлени вкупно 3.338.328 денари, за кој износ, според полицијата, е оштетен „Тутунски комбинат“ Прилеп. На комбинатот, пак, од продажбата на отпадното железо му биле исплатени 1.274.560 денари.