Кинотека

Старите аматерски филмови стануваат нов образовен ресурс преку проектот „ILMovie“

20.08.2026 19:24

Проектот „Vintage Home Film and Video Formats for Intercultural Learning“ влегува во завршна и една од клучните фази. Додека се финализираат едукативните модули, Кинотеката на Република Северна Македонија работи на дигитализација на стари аматерски филмови, кои ќе се користат за учење, зачувување на културната меморија и поттикнување интеркултурен дијалог.

Развојот на едукативните модули во рамките на проектот „Vintage Home Film and Video Formats for Intercultural Learning“ – „ILMovie“ е при крај. Паралелно со подготовката на материјалите, Кинотеката на Република Северна Македонија активно работи на дигитализација и обработка на избрани аматерски филмски материјали.

Дигитализацијата на старите аматерски филмови е една од клучните активности во проектот. Станува збор за записи создадени во различни периоди и на различни формати, како 8mm, Super 8, 16mm и VHS, кои сведочат за секојдневието, семејните моменти, локалните заедници, обичаите и културните промени во регионот.

Преку нивното зачувување и дигитализирање, овие материјали повторно стануваат достапни за новите генерации. Од приватни семејни спомени, аматерските филмови добиваат нова вредност како извори за учење, културна меморија и интеркултурен дијалог.

Во завршната фаза од проектот, партнерите работат на финализирање на едукативните модули наменети за стручното образование и обука. Тие ги поврзуваат филмската култура, аудиовизуелната писменост, културното наследство и интеркултурното учење.

Посебен акцент е ставен на можноста учениците и наставниците старите филмски и видеоформати да ги користат не само како технички или историски материјали, туку и како средство за истражување на културната разновидност и заедничката меморија.

Во рамките на проектот, Кинотеката ги дигитализира и обработува избраните аматерски филмски записи со цел нивно долгорочно зачувување, но и нивна понатамошна едукативна употреба.

На тој начин, старите визуелни сведоштва од семејниот и локалниот живот добиваат нова функција – од архивски материјали се претвораат во ресурси за учење и платформа за разбирање на културната разновидност и интеркултурен дијалог.