ЈПДП

Рекордни над 31 милион евра од патарини до јуни

20.08.2026 14:37

Од почетокот на годинава до крајот на јуни, од наплата на патарини во државава се инкасирани 1,92 милијарди денари, односно над 31 милион евра. Приходите се за речиси 22 милиони денари повисоки од истиот период лани.

Од наплата на патарини во првите шест месеци годинава се собрани рекордни 1.919.775.277 денари, односно над 31 милион евра, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта за МИА.

Во споредба со истиот период во 2025 година, приходите се зголемени за 21.891.532 денари.

Најфреквентна наплатна станица е Тетово, а по неа следуваат Петровец, Романовце, Глумово и Миладиновци. Највисоки приходи, според собраните средства и цената на билетите, има на Романовце.

Електронската наплата учествува со 36 проценти од вкупниот промет на 11 наплатни станици каде што е воведена. Од ЈПДП велат дека користењето на електронската наплата е зголемено за шест проценти.

Од мај годинава м-таговите се достапни и во продажната мрежа на „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“. Во меѓувреме, ЈПДП работи и на студија за воведување затворен систем за наплата на патарини по примерот на Србија, почнувајќи од Коридорот 8.