Мицкоски: Ако опозицијата бара предвремени избори, ќе одговориме позитивно
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека нема потреба од предвремени парламентарни избори, но вели дека власта е подготвена да ги прифати доколку опозицијата инсистира. Од СДСМ возвратија дека нема да ѝ бидат алиби на власта, додека ДУИ бара најавата да се претвори во конкретно дејствување.

Фрлената ракавица за предвремени парламентарни избори ја подгреа политичката сцена. Премиерот Мицкоски со став не се потребни, но ако опозицијата инсистира ќе се одржат.
„Ние како коалиција имаме добиено легитимитет од граѓаните да бидеме Влада четири години. Но, доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, ние како кукавици нема да седиме на страна, туку ќе одговориме на тоа барање позитивно и, се разбира, дека ќе ги победиме“, изјави Мицкоски.
Лидерот на СДСМ, Филипче возврати-нема да ѝ даде алиби на власта со барање за нивно одржување.
„Ние нема да му бидеме алиби. Избори ќе закаже премиерот којшто има апсолутна власт на секое ниво, двотретинско мнозинство во Собрание, претседател, извршна власт, мнозинство во општините … Избори ќе има кога ќе снема пари за коруптивни тендери. Тоа нив ги интересира, ништо друго. Ние сме секако спремни, се спремаме секојдневно“, изјави лидерот на СДСМ, Филипче.
И ДУИ го поздрави ставот за одржување на предвремени парламентарни изброи, ако побара опозицијата, и бара изјавата на премиерот да премине во конкретно дејствување во најкус можен рок, со став дека власта го изгубила легитимитетот да продолжи со европската изолација, влошување на меѓуетничките односи и нарушување на Охридскиот договор.
