Финансии

Димитриеска-Кочоска и Ацевски потпишаа Меморандум за заштита на јавните средства

20.08.2026 17:13

Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија ја продлабочуваат соработката со цел поголема координација, транспарентност и поефикасна заштита на јавните средства.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и главниот државен ревизор Максим Ацевски денеска потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете институции.

Со Меморандумот се воспоставува рамка за размена на знаења, искуства и податоци, унапредување на професионалните капацитети и примена на европските стандарди, како и заеднички активности за спречување и откривање неправилности, измами и коруптивни дејствија.

Димитриеска-Кочоска истакна дека целта е секој денар од буџетските средства и секое евро од европските фондови да се користат законски, наменски и одговорно, во интерес на граѓаните.

Ацевски оцени дека соработката ќе придонесе за поголема транспарентност и отчетност и за подобра заштита на средствата на даночните обврзници.

Предвидена е соработка преку работни средби, обуки, семинари и конференции, како и размена на стручна литература, ревизорски и сметководствени стандарди, методолошки прирачници, ревизорски извештаи и акциски планови. Ќе се спроведуваат и активности за подигнување на јавната свест за превенција и препознавање на неправилности и измами.