Обвинителтво

Нема основи за кривично дело во набавката на модуларните болници

20.08.2026 14:08

По извршените проверки и анализа на документацијата, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција оцени дека нема основи на сомнение за злоупотреба на службената положба или друго кривично дело при набавката на 19 модуларни болници.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го затвора предметот за набавката на 19 модуларни болници, откако не утврдило елементи на кривично дело.

Предметот беше оформен во септември 2021 година, а во рамки на проверките била прибрана и анализирана документација од повеќе институции, меѓу кои министерствата за здравство, финансии и внатрешни работи, Владата и Бирото за јавни набавки.

Обвинителството утврдило дека постапките за набавка биле спроведени согласно важечките правила, вклучително и правилата на Светска банка за проектот финансиран со нејзин заем. Анализирана била и документацијата поврзана со модуларната болница во Тетово и активностите на Светска банка по пожарот.

Од целокупната документација, како што наведува Обвинителството, не произлегуваат факти дека службено лице ја злоупотребило или пречекорило службената положба со цел да прибави имотна корист или да нанесе штета.

Поради тоа, оценето е дека нема основи за сомнение за кривично дело кое се гони по службена должност и нема место за натамошно јавнообвинителско постапување.