Образование

Јаневска: Македонскиот јазик е дел од светската културна ризница

20.08.2026 16:25

Јаневска истакна дека се зголемува институционалната грижа за македонскиот јазик преку современи учебници, поддршка на научно-истражувачки проекти и стипендии за студенти по македонски јазик.

Македонскиот јазик е дел од светското цивилизациско наследство и никој не може да го избрише од светската културна ризница, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска на свеченото отворање на 59. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид.

Јаневска истакна дека се зголемува институционалната грижа за македонскиот јазик преку современи учебници, поддршка на научно-истражувачки проекти и стипендии за студенти по македонски јазик.

Таа посочи и дека расте бројот на странски универзитети каде што се изучуваат македонскиот јазик и култура. Во април годинава е обновен најстариот лекторат во Неапол, а лектори се ангажирани и во Хрватска, Кина, Романија, Полска, Албанија и Словачка.

Според Јаневска, преку семинарот, научните институции и културните дела што се претставуваат во странство, се зајакнува меѓународната видливост на македонскиот јазик и се создаваат услови тој да продолжи да се изучува и афирмира и кај идните генерации.