„Безбеден град“ казнува и странци, наплатени над 500 казни
Казни и за странски државјани кои направиле сообраќаен прекршок во Македонија. Системот Безбеден град почна да функционира и за странци. Засега се реализира само на граничниот премин Табановце. Од вчера долги редици и повеќечасовно чекање на излезот од Македонија. Од утринава наплатени дури 500 казни.

Во екот на летната сезона, кога транзитираат илјадници патници, стартува и новата фаза од системот „Безбеден град“, со кој се санкционираат несовесните возачи со странски регистарски таблички. Истиот започнува да се применува од Табановце. На преминот долги редици и повеќечасовно чекање.
На граничниот премин Табановце, при излез од државата, странските возачи се известуваат за сторениот прекршок, и казната треба да ја регулираат на границата.
Дел од патниците револтирани укажуваат се чека долго. Но сепак велат законот мора да се почитува.
До утринава наплатени дури 500 казни, информираше министерот Тошковски кој изврши увид. Повика на трпение, појаснувајќи дека системот ќе продолжи да се надоградува. Ќе има еднаков и неселективен пристап за сите, без оглед дали станува збор за возила со домашни или странски таблици.
Првиот човек на македонската полиција нагласи дека целта на „Безбеден град“ не е да се казнува, туку унапреди безбедноста во сообраќајот и намали бројот на жртви.
„Безбеден град“ во Македонија стартуваше од 1 февруари. Камерите детектираат пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло, како и други сообраќајни прекршоци.
По ГП Табановце моделот ќе се проширува и на останатите гранични премини низ државата.
Елена Георгиевска
