ОЈО ГОКК: Нема злоупотреби во тендерите за модуларните болници
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција нема да отвори истрага за набавката на модуларните болници од ковид-кризата. По проверката на тендерите, договорите и проектната документација, не се утврдени злоупотреби, пречекорување на овластувањата или штета по државниот буџет.

Модуларните болници актуелни во ковид кризата се купени законски. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција по анализа на документите од тендерските постапки утврди дека не е сторен криминал и затоа нема да отвори истрага. Обвинителката Бржецка, на брифинг со новинарите појасни дека се проверувани постапките за јавни набавки, техничките спецификации, договорите, проектната документација и законската регулатива, при што е утврдено дека никој од надлежните не ги пречекорил или не извршил обврските, а нема штета ниту по државната каса.
„Од анализата на целокупната документација и извршените проверки, Обвинителството не утврди факти од кои би произлегло дека во постапките за набавка службено лице ја искористило или пречекорило службената положба или овластување, односно не ја извршило службената должност, со цел да прибави значителна имотна корист или да нанесе значителна штета“, – стои во соопштението од ОЈО ГОКК.
Во предистрагата биле претресени тендерите за монтажни контејнери близу Инфективна и до Клиниката за Пулмологија како и јавниот повик за 17 модуларни болници инсталирани низ државата. По пожарот во Тетово, од обвинителството велат дека ги провериле и документите за оваа болница, при што утврдиле дека тимот на Светска банка преку која се финансирал проектот, потврдил дека тендерот бил законски, а болницата одговарала на техничките спецификации.
Оттука заклучокот на Обвинителството е дека во овој момент не постои дело за кое се гони по службена должност.
Анита Димитријевска - Велковска
