Вештакот со детали за пропустите во противпожарната заштита на „Пулс“
Во судницата продолжи вкрстеното испрашување на градежниот вештак за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Пред судот беше посочено дека објектот имал незаштитени челични елементи и промени во електричната инсталација, додека поставените преградни ѕидови придонеле за отежната евакуација. Родителите на загинатите бараат целосно утврдување на одговорноста за трагедијата во која загинаа 63 лица.

Не биле целосно исполнети условите за противпожарна заштита на објектот „Пулс“, смета вештакот Горан Марковски. Во вкрстено испрашување на вештото лице одбраната на првообвинетиот го испрашуваше градежниот вештак. Пред судот беше посочено дека полиуретанскиот сунѓер не бил вештачен бидејќи бил целосно изгорен, па вештакот немал примерок за анализа.
„Евидентно е и неспорно дека на спуштениот плафон бил поставен сунѓерот за кој говорите и од фотографии и од снимки. За нас е неспорно дека на спуштениот плафон имало поставено полиуретански сунѓер.“, изјави Горан Марковски – вештак.
Преградните ѕидови од гипс-картонски плочи поседувале пожарна отпорност, но според вештакот, нивната поставеност придонела за отежнатата и побавна евакуација на присутните. Сериозни оштетувања, пак биле констатирани на челичните конструктивни елементи. Според вештакот, челичните елементи во состав на кровната конструкција речиси во целиот дел не биле заштитени. Во однос на електричната инсталација, Марковски рече дека во 2012 година имало измени, но не постоела проектна документација од која би можело да се утврди што точно било променето. Промени имало и во 2024 година кога во објектот биле заменувани лед – светла.
Вистината мора да биде целосна, а одговорноста да има име и презиме велат родителите на загинатите. Тие порачаа дека градежното вештачење е јасно, прецизно и аргументирано и отвора прашања од кои повеќе не смее да се бега, кој бил надлежен и должен да постапи и зошто не го сторил тоа.
Во кочанската дискотека „Пулс“ загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува со изведувања на вештачења и испрашување на вештите лица.
Ана Јосифоска
