Амбасадорски совет

Муцунски: Заштита на националните интереси и економската дипломатија се приоритет

20.08.2026 15:47

По седум години повторно се одржува Амбасадорски совет на кој македонските дипломатско-конзуларни претставници добија насоки за заштита на националните интереси и интензивирање на економските контакти. Шефот на дипломатијата Муцунски ги посочи ЕУ, САД, Индија и земјите од арапскиот свет како пазари со голем потенцијал.

Заштита на македонските национални интереси и интензивирање на економските контакти се приоритетите за дејствување на конзуларно-дипломатските претставништва на земјава. По седум години прв состанок на Советот на амбасадори. Силната дипломатија се мери според интересите што ги штити, партнерствата што ги гради и инвестициите кои ги носи во земјава, вели шефот на дипломатијата Муцунски.

Клучен пазар со огромен потенцијал шефот на македонската дипломатија гледа во земјите од Европската унија. Неспорно значајни пазари се и САД, Индија и земјите од арапскиот свет, потенцира Муцунски.

Покрај традиционалните, амбасадорите и конзулите треба да вложат напори и за отворање можности за нови пазари. Претходно, првиот дипломат посочи оти европската интеграција останува еден од нашите централни стратешки приоритети, а претставниците на ДКП имаат јасна задача да ги претстават нашите позиции и реформските резултати.

На сесиите на Амбасадорскиот совет, свои обраќања имаа премиерот Мицкоски, претседателката Сиљановска-Давкова и чешкиот министер за надворешни работи Мацинка.

Миле А. Ристески