АХВ: Резултатите за водата треба да ги објави ЈП „Комуналец“ – Гостивар

20.08.2026 17:47

Министерството за здравство ги објави анализите на водата во Гостивар, изработени од Центарот за јавно здравје – Тетово. Примероците земени од 12 места во градот покажуваат дека водата во градот е безбедна за пиење.

Агенцијата за храна и ветеринарство нема надлежност да ги објави лабораториските резултати од водата - тоа може да го направи само ЈП „Комуналец“ - Гостивар, како барател на анализите. АХВ, преку државниот инспектор за храна, зела мостри од водата од седум места во градот, во присуство на стручни лица од Институтот за јавно здравје и Водовод. Испитувањата биле правени во овие две акредитирани лаборатории.

АХВ не поседува сопствена лабораторија, ниту стручни лица за толкување на резултатите. Врз основа на стручното мислење од лабораториите, Агенцијата одлучува дали истата вода е за пиење или не“, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

СДСМ повторно ја повика Владата да го објави целосниот извештај за водата во Гостивар и јавно да покаже дали таа е безбедна за пиење.

По 22 дена труење и околу 5.000 заболени, јавноста не бара брошура. Бара еден документ: сите мостри, сите лаборатории, сите датуми, сите бактерии, сите вредности, кој потпишал дека водата е за пиење“, велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара од Обвинителството да отвори случај по допрен глас, за, како што велат од партијата, молкот на Филипче, кој како министер за здравство не постапил за ниту една од 400 анализи кои му биле доставени за загадена вода во Гостивар.

Документите кои ги добивме од свиркачи за анализите и за испитувањата на квалитетот на водата кои ги правеле надлежните институции докажуваат дека Филипче, како министер за здравство, не преземал ниту една мерка за нејзино решавање. Обвинителството мора да постапи и да даде одговор на следниве прашања: зошто со години граѓаните не биле известувани дека водата која ја користеле за пиење не била безбедна, зошто со години не биле преземани чекори за санација на овој проблем“, изјави Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерството за здравство ги објави анализите на водата во Гостивар, изработени од Центарот за јавно здравје – Тетово. Примероците земени од 12 места во градот покажуваат дека водата во градот е безбедна за пиење. Клековски ги повика ЦУК, АХВ и гостиварски „Комуналец“ да ги објават анализите на гостиварската вода.

Андријана Ѓурческа