Се вжештува дебатата за предвремени парламентарни избори

20.08.2026 18:49

И покрај жестоките политички препукувања, сè уште нема конкретна институционална иницијатива, ниту меѓупартиски договор за предвремено гласање.

Предвремени избори не се потребни, граѓаните очекуваат реформи, но ако опозицијата инсистира, ќе се одржат, вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Премиерот Мицкоски вели дека нема да седат настрана како кукавици и дека, ако опозицијата бара предвремени избори, ќе одговорат позитивно и ќе ги победат опонентите.

СДСМ нема да биде алиби за одржување предвремени избори, возврати лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Вели дека се подготвени за изборно соочување во секој момент, со тим и програма, но нема да ги прифатат ваквите политички потези на власта.

Во ДУИ се согласни за предвремени избори, со барање за итно распуштање на законодавниот дом. Интегративците ја обвинуваат извршната власт за европска изолација на државата и деградација на меѓуетничките односи.

И покрај жестоките политички препукувања, сè уште нема конкретна институционална иницијатива, ниту меѓупартиски договор за предвремено гласање.

Игор Панов