Соработка

Миланов и Серафимовски во Србија: Олеснување на прометот на животни и земјоделски производи

21.08.2026 10:56

Македонија и Србија ќе ја унапредуваат институционалната соработка во земјоделството, ветеринарството и безбедноста на храната, со цел побрз и поедноставен промет на животни, земјоделски производи и стоки.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски во Србија разговараа за унапредување на соработката и олеснување на трговијата меѓу двете земји.

На средбата со српскиот министер за земјоделство Драган Гламочиќ во фокусот биле увозот, извозот и транзитот на живи животни, производи од животинско потекло и земјоделско-прехранбени производи. Разговарано е и за поедноставување на ветеринарните и фитосанитарните постапки, како и за поефикасна координација меѓу надлежните служби.

Посебно внимание било посветено на примената на механизмите од „Отворен Балкан“ и ЦЕФТА, со цел намалување на административните процедури и времето на задржување на пратките на граничните премини.

Серафимовски и Миланов се сретнале и со српската вицепремиерка и министерка за стопанство Адријана Месаровиќ, со која разговарале за унапредување на економската соработка и создавање нови можности за поврзување на компаниите и производителите од двете земји.

Соговорниците ја истакнале определбата за отстранување на трговските бариери и создавање попредвидливи услови за земјоделците, производителите и компаниите од Македонија и Србија.