МВР со предупредување до операторите на дронови: При појава на хеликоптер веднаш приземјете ги
Од МВР посочуваат дека доколку оператор забележи или слушне полициски хеликоптер во близина, мора веднаш и без одлагање безбедно да го приземји дронот. Забрането е дронот да се насочува кон хеликоптерот, да му се приближува, да го следи или да се снима од непосредна близина.

Поради зголемениот ангажман на полициските хеликоптери во гасење пожари и други итни активности, МВР ги предупредува операторите на дронови строго да ги почитуваат правилата за безбедно користење на воздушниот простор.
МВР апелира лицата кои немаат потребни одобренија, регистрации или сертификати да не управуваат со дронови спротивно на прописите. Операторите кои ги исполнуваат условите мора да ги почитуваат воздухопловните правила и ограничувањата на воздушниот простор.
Од МВР посочуваат дека доколку оператор забележи или слушне полициски хеликоптер во близина, мора веднаш и без одлагање безбедно да го приземји дронот. Забрането е дронот да се насочува кон хеликоптерот, да му се приближува, да го следи или да се снима од непосредна близина.
Особено опасно е присуството на дронови во зоните каде хеликоптерите гасат пожари, поради ниските летови, чадот, намалената видливост и турбуленциите. Дрон може да предизвика судир, губење на контролата врз хеликоптерот и загрозување на животите на екипажот и луѓето на земја.
МВР најавува соодветни мерки против лицата кои со незаконско или небезбедно управување со дронови ја загрозуваат безбедноста на воздушниот сообраќај, вклучително и прекршочни или кривични постапки кога за тоа има законски основ.
