Jazz Extravaganza – четворица музичари со авторски проект во Јавна соба
Џијан Емин, Георги Шарески, Оливер Јосифовски и Александар Петров утревечер во 21 часот во Јавна соба ќе го претстават авторскиот проект „Jazz Extravaganza“, кој ја спојува авторската музика со импровизацијата.

Четворицата музичари, композитори и долгогодишни пријатели ќе понудат концерт во кој композициите се само почетна точка, а импровизацијата го креира конечниот музички израз.
Според Џијан Емин, нотниот запис е само „мапа“, додека вистинската авантура започнува кога музичарите ќе одлучат да отстапат од неа.
„Не се плашиме од грешката, повеќе се плашиме од совршено отсвирена музика во која ништо не се случило“, вели Емин.
Георги Шарески, пак, истакнува дека нивното повторно обединување е повеќе од музичка соработка, бидејќи долгогодишното пријателство им овозможува слобода, доверба и храброст за ризик и импровизација.
Организаторите најавуваат дека публиката нема да биде само набљудувач, туку активен дел од атмосферата и енергијата на музичкиот момент што се создава пред неа.
