Македонија

Шасивари: Посилно партнерство со Австрија за модерно и ефикасно правосудство

21.08.2026 17:51

Македонија и Австрија ќе ја продлабочуваат соработката во правосудството, со фокус на владеењето на правото, реформите, борбата против корупцијата и дигитализацијата на правосудниот систем.

Министерот за правда Јетон Шасивари на средба со австрискиот амбасадор Мартин Памер разговарал за унапредување на партнерството меѓу двете земји во областа на правосудството.

Шасивари посочил дека соработката со Австрија треба да се развива како партнерство за модернизација на правосудниот систем, зајакнување на институциите и поддршка на европската интеграција на земјава.

Во наредниот период се очекува реализација на конкретни активности согласно Меморандумот за соработка потпишан пред три години меѓу министерствата за правда на двете земји. Активностите ќе опфатат реформи во граѓанското и кривичното право, владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и дигитализацијата на правосудството.

Шасивари истакнал дека австриското искуство и експертиза можат да придонесат за поголема ефикасност, транспарентност и модернизација на правосудниот систем.