МВР

262 сообраќајни прекршоци во Скопје, санкционирани 102 мотоциклисти

22.08.2026 10:50

За само седум часа синоќа полицијата во Скопје санкционирала 262 возачи, од кои 102 мерки се изречени на возачи на мопеди и мотоцикли. Шест лица се лишени од слобода по член 297-а од Кривичниот законик.

Од 18 до 1 часот по полноќ, СВР Скопје спровело засилена сообраќајна контрола со посебен акцент на мотоцикли, мопеди, трицикли и четирицикли.

Кај возачите на мотоцикли и мопеди, најголем дел од санкциите, односно 93, биле за управување без заштитна кацига. Изречени се и четири мерки за несоодветна категорија и пет за управување без положен возачки испит.

Останатите 160 санкции се однесувале на различни сообраќајни прекршоци, меѓу кои непоседување возачка или сообраќајна дозвола, неистакнати регистарски таблички и поминување на црвено светло.

Привремено е одземен и еден мотоцикл поради регистрација со истечена важност повеќе од шест месеци.

Од СВР Скопје информираат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите.