Расте индексот на буџетска транспарентност во македонските општини
Штип е меѓу високо рангираните општини во поглед на фискалната транспарентност, покажува најновото истражување на Центарот за економски анализи. Рангирањето е на основа на достапноста на буџетските и даночните информации до јавноста и вклученоста на граѓаните во носење одлуки од јавен интерес.

Достапност на буџетските документи, даночна транспарентност и вклучување на граѓаните во креирање на буџетот се главните аспекти според кои Центарот за економски анализи го цени нивото на транспарентност на општините во државата. Од максимални 16, Штип има 15 поени, што според градоначалникот, е потврда за добрата комуникација на локалната власт со граѓаните.
Во транспарентите општини поголемо е учеството на граѓаните во носењето одлуки. Општина Пехчево е со максимална транспарентност според анализите на ЦЕА. Предлог буџетот се става на увид на јавноста и се прави граѓански буџет.
На листата на ЦЕА високо котираат општините Центар Жупа, Македонски брод, Крива Паланка, Центар, Делчево, Валандово, Бутел и Карпош, а со најниска транспарентност се Маврово Ростуше, Теарце и Гостивар.
Славица Величковска
