За пожарникарите лето, но под пламен
Летните месеци, за некого синоним за годишен одмор. За пожарникарите- најтешкиот период од годината. Долги часови на терен, екстремни температури и секојдневен ризик. Во единицата во Старо Нагоричане само деветмина се борат со огнените стихии. За нив летните одмори се речиси невозможни.

За повеќето, летото значи одмор, море и време поминато со најблиските. За пожарникарите, пак спротивно. Повеќе повици, долги часови на терен и борба со огнот во најтешки услови.
Растот на температурата за нив значи почеток на најтешкиот дел од годината. Додека граѓаните бараат сенка да се разладат, тие ја облекуваат тешката заштитна облека и заминуваат кон огнот. Таква е и задачата на командирот на противпожарната единицата во Старо Нагоричане. Тој веќе шест години не заминал на летен одмор. Во единицата се само деветмина, па во договор со локалната самоуправа, одлучиле од јуни до август, да не користат годишни одмори. Иако блиските знаат да му забележат, вели функционираме тимски, и правилата се еднакви за сите.
„Деветмина сме во ТППЕ, доколку еден-двајца би зеле одмор, остануваме преполовени, и кога е најпотребно ќе мора да бараме помош од соседните, имаме потреба од повеќе вработувања“, вели Далибор Трајковски, командир ТППЕ Старо Нагоричане.
Пожарот нема работно време. Интервенциите некогаш вели траат и по неколку часа, но и денови. Се работи на екстремна топлина, густ чад, непристапен терен, ограничена видливост. Опасност не е само пламенот, туку и дехидратацијата, заморот, повредите.
„Заради нечија несовесност и неодговорност изложени сме на температури, на сонце до дури 50 степени. Кога ќе заминеме на терен се обидуваме да ја заштитиме околината, човечки животи, имотот на граѓаните, објектите, потоа одиме кон гаснење на пожарот. Изложени сме на секојдневен ризик“, додава Трајковски.
Но иако се по двајца во смена, при посериозни пожари се екипираат сите. Покриваат голема територија па се надеваат дека ќе се доекипираат. Годинава за среќа во козјачкиот регион не се евидентирани шумски пожари. Но пожарникарите интервенираат речиси секојдневно на нискостеблеста шума, стрништа, ридови.
Елена Георгиевска
