Воен конфликт

Руски дронови погодија трговски центар во Украина, најмалку 16 загинати

22.08.2026 15:04

По смртоносниот руски напад во родниот град на Зеленски, Киев најавува одговор. Бројот на загинати се искачи на 16, а над 130 лица се сериозно повредени. Во меѓувреме, Европската комисија испрати порака дека продолжува да ја поддржува Украина во нејзините напори за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир, како и на нејзиниот пат кон ЕУ.

Расте бројот на жртви откако руски беспилотни летала погодија трговски центар во централна Украина. Најмалку 16 загинаа, а над 130 лица се сериозно ранети, меѓу кои и деца.

„Зад мене имаше експлозија. Силата од експлозијата ме отфрли наназад и паднав на колена, а потоа некако избегав. Имам видливи исекотини на повеќе места“, вели Татјана Хивренко, повредена во нападот.

„Нема пациенти со оштетување само на еден орган, како што е на пример екстремитет, или трауматолошка повреда на мозокот. Сите примени пациенти, за жал, се со повеќе и сериозни повреди“, изјави Алена Климович, директорка на болница.

Кривји Рог-местото каде се случил нападот, е родниот град на украинскиот претседател Зеленски, кој пак вети дека неговата земја ќе одговори.

„Овој кукавички напад е апсолутно злосторство извршено од Русите. Тие не се ништо друго, освен ѕверови и дефинитивно ќе одговориме. Од клучно значење е да имаме сè што ни е потребно за да заштитиме животи. Важно е светот да не молчи за сето ова. Оваа руска војна мора да заврши, а светот мора да ни помогне да го постигнеме тоа“, нагласи Зеленски.

Во меѓувреме, Европската унија ја потврди својата поддршка за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина во пресрет на 35-годишнината од нејзината независност, која ќе се одбележи на 24 август.

Катерина Бојаџиева