31 пожар на отворен простор, осум активни – локализиран пожарот кај Струмица
Со брза интервенција на пожарникарите и ангажирање тешка механизација, спречено е понатамошно ширење на огнот.

Во изминатото деноноќие на територијата на државата се регистрирани 31 пожар на отворен простор, од кои осум се активни, а 23 се изгаснати. Локализиран е и пожарот што вчера избувна во близина на Струмица, меѓу селата Водоча и Баница.
Поради силниот ветер, огнот се проширил преку сувата вегетација и се доближил до куќите. Две жени побарале лекарска помош поради вдишување чад, но нема повредени.
Со брза интервенција на пожарникарите и ангажирање тешка механизација, спречено е понатамошно ширење на огнот. Пожарникарите ја поминале ноќта на терен, а интервенирале и во скопското село Палиград, каде огнот претставувал закана за селото.
Од утрово е активирана и воздушна интервенција за гасење на пожарот.
