Почна постапката за изградба на нов мост за пристап до нивите во атарот на струмичко Секирник
Жителите на повеќе струмички села бараат изградба на нов мост на река Струмица во атарот на Секирник за безбедно и побрзо да стасаат до своите ниви. Таму во моментов има времено решение. Од Општина Босилово велат дека се издвоени средства за проектна документација, неопходна за нов мост.

Општина Босилово ја отпочна постапката за изградба на мост на реката Струмица, во атарот на село Секирник, кој претставува единствен премин до стотици хектари обработливо земјиште. Постоечкиот е небезбеден, а во меѓувреме општината за земјоделците направи времено патно решение за да ги извршуваат земјоделските работи.
Земјоделците бараат изградба на нов мост. Користењето на други патишта до своите ниви за нив значи дополнително време и трошоци.
Мостот е изграден пред 40-тина година од страна на самите жители на Секирник. Поради нарушена статика од пред две години, надлежните го прогласија мостот за небезбеден.
Ване Трајков
