Воен конфликт

Жестоки напади меѓу Киев и Москва

23.08.2026 14:19

Нова закана од Москва по серијата украински напади врз руската инфраструктура. Путин најавува жесток одговор, додека во Украина продолжуваат руските удари и расте бројот на жртвите.

Рускиот претседател најави нов одговор на украинските удари врз економската инфраструктура и порача дека Москва ќе ги гаѓа „најчувствителните сектори“ во Киев. Изјавата доаѓа по новиот бран напади со беспилотни летала врз руски рафинерии, индустриски капацитети и логистички центри.

„Киевскиот режим си постави цел да ја оштети нашата економија. И што направи? Самиот ја отвори оваа Пандорина кутија. Акциите на руската армија се, се разбира, многу почувствителни и многу подеструктивни. Постојано повторувам: секогаш ќе има одговор“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Истовремено продолжуваат и масовните руски удари. Најмалку седум лица се убиени вчера во Украина, еден ден по нападот врз трговски центар, во кој загинаа најмалку 16 лица, а околу 130 беа повредени.

Латвискиот премиер, кој пристигна во Украина во својата прва официјална посета откако ја презеде функцијата, истакна дека Латвија прави сè што може за да му помогне на Киев во пресрет на зимата.

„Многу е важно сите нордиски земји да продолжат да вршат притисок врз Европа и меѓународната заедница по ова прашање. Она што најмногу ѝ е потребно на Украина во моментов е воздушна одбрана, особено заштита од балистички ракети. Латвија прави сè што може за да помогне, особено со обезбедување опрема за снабдување со електрична енергија и греење, бидејќи знаеме дека Русија ги напаѓа најслабите точки во инфраструктурата“, нагласи Андрис Кулбергс, премиер на Латвија.

Украина утре ќе го прослави 35-тиот Ден на независноста на земјата.

Катерина Бојаџиева