Бројот на приведени малолетници поради дрога е загрижувачки
Четворица малолетници приведени во неколку одделни полициски акции во Скопје и во Тетово насочени против недозволена трговија со дрога. Ова може како вест да се прочита во полицискиот билтен на МВР. Случаи кои го отвораат прашањето, кога дрогата стигнува до малолетниците, каде завршува родителската, а каде почнува одговорноста на системот?!

Четворица малолетници приведени поради дрога за само два дена е алармантна бројка, но уште позагрижувачко е прашањето колкав е бројот на малолетници коишто сè уште не се откриени во вршењето на вакви девијантни дејствија, предупредуваат психолозите. Се надеваат дека ваквите полициски акции ќе им делуваат превентивно и поучно.
Ова не се изолирани инциденти, туку поголем и покомплексен проблем којшто го засега целото општество и којшто треба да го решаваме заеднички, на повеќе нивоа.
Психологот Мирјана Стојановска апелира и родителите редовно да посветуваат внимание и да разговараат со своите деца, за да можат да забележат евентуални промени во нивното однесување, како често лажење, крадење пари, повлекување во себе и сменет израз на лицето.
Во повеќе одделни полициски акции насочени против недозволената трговија со дрога, во Скопје и во Тетово, приведени се и четворица малолетници. Најмладиот приведен е од Скопје и е на возраст од 13 години. Вториот приведен малолетник од Скопје, пак, е на возраст од 17 години. Во одделна акција во Тетово, приведени се и двајца 16-годишници, кои биле затекнати при претрес на објект којшто се користел како импровизирана работилница за пакување на дрога.
Во рамките на акциите, пронајдени се марихуана, прашкасти материи, дигитални ваги и пари, информираат од Министерството за внатрешни работи. Додаваат дека по целосно документирање на случаите ќе следуваат и соодветни поднесоци.
Марија Котовска
