Македонија

Партиски препирки за модуларните болници

23.08.2026 17:58

Нов фронт на политичкиот судир меѓу власта и опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека актуелниот шеф на ОЈО ГОКК, Абази, пред заминување од функцијата го спасил Филипче од одговорност. Од СДСМ демантираат дека во изминатите пет години вршеле притисок врз Обвинителството.

Одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да го затвори предметот за набавката и изградбата на 19-те монтажни болници поставени за време на ковид-кризата, без да гони некое физичко или правно лице, е главна тема за меѓупартиска преписка.

Во СДСМ велат дека јавното обвинителство утврдило дека нема основа за одговорност на Филипче, злоупотреба на службената положба или штета на буџетот. Од СДСМ бараат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски јавно да се извинат за, како што велат, петгодишните лаги и манипулации.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека актуелниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, пред заминување од функцијата го заокружил своето работење за СДСМ и ДУИ и го спасил Венко Филипче од одговорност за случајот со модуларната болница во Тетово.

Според партијата, тогашната влада на СДСМ и ДУИ по итна постапка го изменила Законот за градење за модуларните болници да се третираат како „урбана опрема“, со што овозможила Министерството за здравство самостојно да издава одобренија.

ВЛЕН очекувале одговор од Али Ахмети и ДУИ за начинот на кој обвинителството дошло до заклучокот да ја затвори постапката за јавните набавки за 19-те модуларни болници. Во ВЛЕН сметаат дека Али Ахмети и ДУИ не можат да се амнестираат за овој случај.

„Али Ахмети не може да се однесува како ова прашање политички да не ја засега ДУИ. Трагедијата се случи во периодот кога неговата партија беше на власт, а денес, по пет години истрага, семејствата на жртвите сè уште се соочуваат со голем број неодговорени прашања“, велат од ВЛЕН.

Додека опозицијата бара власта да му се извини на Филипче, владејачките партии ја квалификуваа оваа одлука на ОЈО ГОКК за скандалозна. Очекуваат да се обезбедат нови докази со кои, како што велат, ќе се отвори нова постапка за да се утврди директна одговорност на тогашниот министер за здравство за изградба на модуларни болници, а сега актуелен лидер на СДСМ, Венко Филипче.

Игор Панов