Нов пожар кај Пехчево, 20 жаришта низ земјава
Ново силно жариште избувна во борова шума во близина на границата со Бугарија, кај Пехчево. Трите ер-трактори се пренасочени кон пожарот, додека надлежните апелираат на максимална внимателност.

Нов силен шумски пожар избувнал во борова шума во близина на границата со Бугарија, во близина на Пехчево. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, рече дека поради новото жариште трите ер-трактори биле пренасочени кон пожарот, со цел да се интервенира додека огнот сè уште може да се стави под контрола.
Овој пожар е еден од 20-те жаришта на отворено со кои се соочува земјава.
Надлежните постојано апелираат на максимална претпазливост, но и внимателност во шуми.
Меѓу посериозните е и пожарот кај селото Бигла, на патот меѓу Македонска Каменица и Делчево. Таму жител палел гуми во својот двор, по што огнот се проширил кон боровата шума. Пожарот е ставен под контрола по воздушната интервенција на трите ер-трактори, како и по ангажманот на пожарникари од Делчево, Берово, Кочани, Виница и околните места.
А претходно, доброволните пожарникари од Битола и Кочани воделе тешка и ризична битка со пожарот кај селото Бонче, а според сведоштвата од терен, нивната интервенција била пресудна селото да биде спасено од огнената стихија.
Дел од пожарите се изгаснати, дел се под контрола, но повеќе сè уште се активни.
Борис Грујоски
