Истражување

Живеењето во близина на хемиско чистење може да го зголеми ризикот од Паркинсонова болест

24.08.2026 07:13

Откако биле земени предвид возраста, полот, приходите и други околности што би можеле да влијаат врз резултатите, истражувачите утврдиле дека кај лицата кои живееле на 150 метри или помалку од објект за хемиско чистење, зачестеноста на Паркинсоновата болест била за околу 14 проценти повисока.

Живеењето во непосредна близина на објекти за хемиско чистење може да биде поврзано со зголемен ризик од Паркинсонова болест, покажува големо истражување спроведено во Соединетите Американски Држави, во кое биле разгледани здравствените податоци на повеќе од 19 милиони луѓе.

Според резултатите, кај лицата кои живеат на оддалеченост до 150 метри од објект за хемиско чистење, ризикот од појава на Паркинсонова болест може да биде зголемен и до 23 проценти.

Во научните кругови одамна се посочува на можната поврзаност меѓу трихлороетиленот (ТЦЕ), хемиски растворувач што се користел и во хемиското чистење, и зголемениот ризик од Паркинсонова болест. Новото истражување, објавено во научно списание укажува дека можната изложеност не се однесува само на лицата кои непосредно работат со вакви хемикалии, туку и на населението што живее во близина на овие објекти.

Истражувањето, предводено од Невролошкиот институт „Бароу“ во Феникс, опфатило здравствени податоци на повеќе од 19 милиони лица на возраст од 67 години и повеќе, како и околу 180 илјади случаи на Паркинсонова болест.

Откако биле земени предвид возраста, полот, приходите и други околности што би можеле да влијаат врз резултатите, истражувачите утврдиле дека кај лицата кои живееле на 150 метри или помалку од објект за хемиско чистење, зачестеноста на Паркинсоновата болест била за околу 14 проценти повисока.

Во споредба со лицата кои живееле на оддалеченост од шест до осум километри од вакви објекти, зголемувањето достигнувало до 23 проценти кај групата заболени кои имале поизразени тешкотии со одењето и движењето.

Истражувачите посочуваат дека хемикалиите што се користат при хемиското чистење можат да испаруваат и да навлегуваат во околните објекти и почвата. Според нив, ризикот може да биде поизразен во густо населени подрачја и на места со стара инфраструктура.

Авторите нагласуваат дека истражувањето не докажува непосредна причинско-последична врска меѓу живеењето во близина на објект за хемиско чистење и појавата на Паркинсонова болест. Сепак, добиените резултати укажуваат на поврзаност што била забележана на пошироко подрачје во САД.

Претходни истражувања веќе укажуваа дека различни влијанија од животната средина, меѓу кои загадувањето на воздухот, микропластиката и средствата за заштита на растенијата, би можеле да бидат поврзани со појавата на одредени невролошки заболувања.

Истражувачите сметаат дека загадувањето со хемиски материи од објектите за хемиско чистење заслужува дополнително внимание од аспект на јавното здравје.

Според авторите, подоброто утврдување на ваквата изложеност во иднина би можело да придонесе за посоодветни контроли на животната средина и насочени здравствени прегледи, со цел навремено откривање на можните ризици и намалување на оптоварувањето од болеста.