Превентивна кампања за поголема сообраќајна безбедност
РСБСП и МВР започнуваат кампања за информирање на граѓаните за системот „Безбеден град“, неговото функционирање и прекршоците што ги регистрира. Целта, како што посочуваат, е помалку прекршоци и сообраќајни незгоди, а повеќе спасени животи.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со МВР и општинските совети за безбедност на сообраќајот, ја реализира превентивната кампања „Безбеден град – за безбедни учесници во сообраќајот“.
Кампањата е насочена кон информирање и едукација на учесниците во сообраќајот, особено возачите, за функционирањето на системот и нивните права и обврски доколку прекршокот биде регистриран со технички средства.
„Безбеден град“ овозможува регистрирање на повеќе прекршоци, меѓу кои непочитување на брзината, минување на црвено светло, управување со истечена сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Од РСБСП велат дека системот треба да придонесе за пообјективна и поефикасна контрола, со намалување на влијанието на човечкиот фактор.
Во рамките на кампањата ќе се спроведуваат активности и на граничните премини при влез во земјава, каде што и домашните и странските возачи ќе добиваат информации и едукативни материјали.
Од РСБСП апелираат до сите учесници да ги почитуваат сообраќајните правила и знаци и да бидат одговорни кон другите учесници во сообраќајот. Целта, како што посочуваат, не е што повеќе санкции, туку што помалку прекршоци и сообраќајни незгоди и што повеќе спасени човечки животи.
