Драмски театар Скопје со „Гидионовиот јазол“ гостува на фестивалот РУТА на Бриони
Претставата „Гидионовиот јазол“ на Драмски театар Скопје вечерва ќе биде изведена на Бриони, Хрватска, во рамките на фестивалот на Регионалната унија на театри – РУТА. Претставата ќе се игра во Летното кино од 21 часот.

НУ Драмски театар Скопје со „Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски-Попова гостува вечерва на Бриони, каде што домаќин на фестивалот е театарот „Улисис“.
Претставата е работена по текст на американската драмска авторка Џона Адамс, со драматургија на Викторија Рангелова-Петровска. Во главните улоги се Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Ања Митиќ.
Гостувањето на Бриони е 20. изведба на претставата, која досега беше прикажана на повеќе фестивали во земјава и регионот. За улогата на Корин Фел, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска минатата година ја доби наградата за високо актерско достигнување на 33. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.
„Гидионовиот јазол“ отвора теми поврзани со вината, одговорноста, тагата, детската креативност, врсничкото насилство, осаменоста и односот меѓу родителите и наставниците.
Претставата е дел од редовниот репертоар на Драмски театар Скопје од премиерата во мај минатата година.
