„Ратевските бамбурци“, струшкиот вез, чалгијата и ајварот прогласени за нематеријално културно наследство
Четири традиционални добра се прогласени за нематеријално културно наследство на национално ниво – „Ратевските бамбурци“, „Струшкиот вез“, „Македонската чалгиска музика“ и „Традицијата и културата на правење ајвар“.
Управата за заштита на културното наследство донесе решенија за прогласување на четирите добра, со што продолжува впишувањето на нематеријалното наследство во Националниот регистар.
„Ратевските бамбурци“ се традиционална машка обредна поворка од селото Ратево, препознатлива по високите зооморфни маски и облеката од животински кожи.
„Струшкиот вез“ ги опфаќа традиционалните техники, вештини и мотиви на везење карактеристични за Струга и Струшко.
Како нематеријално наследство е прогласена и „Македонската чалгиска музика“, староградска музичка традиција присутна во македонските градски средини уште од 18 век, со специфичен инструментариум и музички израз.
Четврто прогласено добро е „Традицијата и културата на правење ајвар“, која ги опфаќа традиционалните знаења, вештини и семејни практики поврзани со подготовката на ајварот.
Од Управата посочуваат дека интензивно работат на впишување нови добра, со амбиција Националниот регистар да достигне 100 впишани нематеријални добра.
