Зеленски: Украина сака мир, но не се откажува од својата држава и територии
Украина одбележува 35 години независност во услови на војна со Русија. Зеленски порача дека земјата сака мир, но нема да се откаже од својата држава, додека европските лидери во Киев и американски претставници ја потврдија поддршката за Украина. Европската комисија во меѓувреме одобри дополнителна помош од 6,1 милијарди евра за одбранбени системи.

Украина ја одбележува 35-годишнината од независноста на земјата. Претседателот Зеленски го честиташе националниот празник и нагласи дека од почетокот на целосната инвазија на Русија во 2022 година, Украина ефикасно го брани своето право на слобода и независност секој ден. Иако Украинците сакаат мир, не се подготвени да се откажат од својата држава и територии.
„Украина ќе го постигне својот мир. Во сите свои планови за Украина, Путин направи една голема грешка. Непријателот ги броеше нашите ресурси, нашите магацини, нашата опрема, но заборави на најважното – нашиот народ. Најголемото достигнување на независноста на Украина е нејзиниот народ. Украина дефинитивно сака мир, но Украина не е подготвена едноставно да се откаже“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Европските челници пристигнаа во Киев на прославите по повод Денот на независноста на земјата. Претходно американски претставници и поранешни лидери изразија поддршка за Украина. Според нив, од „витален национален интерес“ на Соединетите Американски Држави е да продолжат да ја поддржуваат земјата за „победа и одбрана од руската инвазија“.
„Пред 35 години, ја избравте слободата. Денес ја браните. Независноста на Украина не е подарок. Тоа е ветување што го одржуваат секој маж и жена кои стоеле кога тоа било најважно“, нагласи Кит Келог, Специјален пратеник на претседателот на САД за Украина и Русија.
„Во витален национален интерес на Соединетите Американски Држави е да продолжат да ѝ обезбедуваат на Украина поддршка што ѝ е потребна за да ја победи и одбие руската инвазија“, рече Мајк Пенс, поранешен потпретседател на САД.
Во меѓувреме, Европската комисија одобри дополнителна финансиска помош од 6,1 милијарди евра за Украина, наменета за набавка на нови одбранбени системи. Средствата ќе се користат за противвоздушна одбрана, ракети, муниција и радари.
Катерина Бојаџиева
