Македонските превозници на протест поради ограничувањето на престојот на возачите во Шенген
Истовремени протести се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Македонските превозници најавуваат двочасовен протест на 31-ви август пред Делегацијата на Европската унија во Скопје, поради ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната на 90 дена во рамките на 180 дена.
Од „Макам-транс“ информираат дека протестот ќе се одржи од 12 до 14 часот, со учество на најмалку 20 возила, како и поголем број превозници, возачи и други вработени од повеќе градови во земјава.
Истовремени протести се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Протестите се организираат непосредно пред состанокот на работната група во Брисел, закажан за 1-ви септември, на кој треба да се разговара за проблемот со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.
