Кривичен суд

Одложено судењето за „Државна лотарија“ по барање на одбраната

24.08.2026 12:21

Одложена е главната расправа за случајот „Државна лотарија“, во кој се обвинети осум лица, меѓу кои и поранешниот вицепремиер Артан Груби. Одбраната побара одложување бидејќи дел од адвокатите не го добиле обвинителниот акт и немале увид во доказите...

Главната расправа во судскиот процес за случајот „Државна лотарија“, во кој се обвинети осум лица, меѓу кои и поранешниот вицепремиер Артан Груби, е одложена на барање на одбраната.

Дел од адвокатите на обвинетите пред судот посочиле дека не го добиле обвинителниот акт, како и дека доказите на Обвинителството не им биле дадени на увид.

Судијката Биљана Шуплиновска Јолевски образложила дека доказниот материјал е обемен и содржи 231 материјален и седум вербални докази. Поради обемот, доказите не биле испратени по пошта, туку биле обезбедени во кутии во судот, од каде што бранителите можат да ги подигнат и да извршат увид.

Според обвинението, со дејствијата што им се ставаат на товар, на Државна лотарија ѝ била причинета штета од околу 8,2 милиони евра.

Обвинението пред судот го застапуваат обвинителите Даниел Коцев и Александар Давчевски од Основното јавно обвинителство Скопје.