САД ја најавуваат „крајната игра“ со Иран - Техеран се заканува со ескалација
САД влегуваат во „крајната игра“ во конфронтацијата со Техеран, прекинувајќи ги механизмите што ѝ овозможуваат на Исламската Република да ја одржува својата економија.

САД влегуваат во „крајната игра“ во конфронтацијата со Техеран, прекинувајќи ги механизмите што ѝ овозможуваат на Исламската Република да ја одржува својата економија. Во исчекување на деталите за економските санкции кои треба да ги овјави американскиот министер за финансии Скот Бесент, Техеран возвраќа со закани за ескалација – предупредува дека американскиот притисок би можел да има сериозни последици, а земјите што ќе ги поддржат санкциите или ќе им овозможат на САД да ја користат нивната територија за напади врз Иран би можеле да станат мета.
„Секое соучество со САД во спроведувањето на нивните агресивни дејствија против Иран сигурно ќе има последици. Дури и сега, поморската блокада на Иран претставува чин на агресија. Нашите раце не се врзани. Ние сигурно не ја започнавме оваа војна, но нема да дозволиме таа да заврши според условите што ги диктира агресорот. Испробувањето методи кои веќе се покажаа како неуспешни сигурно нема да донесе поинаков исход“, изјави Есмаил Багаеи, портпарол на Министерството за надворешни работи на Иран.
Техеран го засилува притисокот околу Ормускиот теснец - парламентот поддржа наплата за бродовите што минуваат низ него, додека шефот на оманската дипломатија заминува во Техеран на разговори. Пекинг, во меѓувреме, повикува на воздржаност, порачајќи дека санкциите и притисокот нема да ги решат проблемите.
„Санкциите и притисокот нема да помогнат во решавањето на проблемот. Тие само ќе ги влошат тензиите и ќе ја ескалираат ситуацијата, што не е во ничиј интерес. Кина ги повикува сите страни да останат рационални и воздржани и што е можно поскоро да се вратат на патот на дијалог и преговори“, изјави портпаролот за надворешни работи на Кина, Лин Џијан.
Во услови на засилен економски притисок, Иран објави откривање на големо гасно поле во покраината Фарс.
„Откриени се повеќе од седум и пол трилиони кубни стапки гас, од кои, според проценките, може да се извлечат околу 5,7 трилиони кубни стапки“, рече министерот за нафта на Иран, Мохсен Пакнеџад.
Тензиите се прелеваат и во поширокиот регион. Во Газа нови израелски напади со жртви и повредени во близина на бегалски камп.
„Испалија четири ракети. Раселените лица и нивниот имот - сè беше уништено. Сакаме само да живееме безбедно, да ги живееме нашите животи“, рече Абу Ибрахим Еид, жител на Газа.
Во меѓувреме, пријавен е и танкер погоден од непознат проектил кај Саудиска Арабија додека Ормускиот теснец останува критична точка за глобалната енергетска безбедност.
Бојана Крстевски
