Уништени над 27,5 тони небезбедно УХТ млеко поради зголемено присуство на афлатоксин
Над 27,5 тони УХТ млеко од Косово се спречени да влезат на македонскиот пазар и се нештетно уништени откако лабораториските анализи покажале присуство на афлатоксин над дозволените концентрации. Млекото било наменето за продажба во синџир маркети во земјава.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство на граничниот премин Блаце минатата недела спречиле увоз на две пратки со вкупна тежина од 27.520 килограми.
Небезбедното млеко, под надзор на официјален ветеринар, било уништено на депонијата Дрисла.
Од АХВ информираат дека мострите биле земени во рамки на Мониторинг програмата за контрола на увозот на храна од животинско потекло.
Агенцијата на 17 јули годинава воведе и посебни безбедносни мерки при увоз на млеко и млечни производи, со задолжителни лабораториски испитувања, со цел на пазарот да се пласираат само безбедни и квалитетни производи.
