Кривичен суд

Одложено судењето за „Државна лотарија“ - Груби и уште седуммина обвинети за штета од 8,2 милиони евра

24.08.2026 17:06

Одложен почетокот на судењето за случајот со набавката на видеолотариски терминали за Државна лотарија. Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби седна на обвинителната клупа заедно со уште седуммина обвинети. Обвинителството ги товари за злоупотреба на службената положба и овластување, со што, според обвинението, на Државна лотарија ѝ била причинета штета од околу 8,2 милиони евра. Судењето е одложено за одбраната да изврши увид во 231 доказ доставен од Обвинителството.

Одложено судењето на поранешниот прв вицепремиер и поранешен министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, кој седна на обвинителната клупа во Кривичниот суд под обвинение за злоупотреба на службената положба и овластување по истрагата поврзана со набавката на видеолотариски терминали за Државна лотарија.

Во судскиот процес се обвинети уште седум лица меѓу кои поранешниот директор на Лотарија кој засега е недостапен за оргните на прогонот и поранешниот генерален секретар на поранешната Влада. Предметот го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски која им ги достави на бранителите копиите од 231 доказ од Обвинителството. Образложи дека одлагањето е потребно за обвинетите и нивните бранители да имаат доволно време да извршат увид во доставените докази и да достават листа на докази што предлагаат да бидат изведени во текот на постапката.

Кривичното дело за кое сега се товари Груби „злоупотреба на службената положба и овластување“ е различна правна квалификација од првичната истрага, во која се водеше постапка за „проневера во службата“. Обвинителството образложи дека новата квалификација е определена врз основа на доказите прибрани во истрагата.

Според обвинението, осумтемина обвинети во текот на 2023 и 2024 година  ги пречекориле овластувањата и и предизвикале штета на Државна лотарија  од околу 8,2 милиони евра.

Груби во февруари годинава беше уапсен на граничниот премин Блаце, по повеќемесечна недостапност, по што му беше определен куќен притвор. По поднесувањето на обвинението, мерката му беше продолжена.

Александра Велинова