Политика

Без датум за предвремени избори, партиите веќе се подготвуваат за соочување

24.08.2026 17:43

Иако засега нема датум за предвремени парламентарни избори, партиите не ја исклучуваат можноста за изборно соочување. СДСМ вели дека е подготвен за избори во секое време и повикува на опозициска соработка, додека ВМРО-ДПМНЕ возвраќа дека Филипче бега од соочување со граѓаните.

Датум за предвремени избори нема, но партиите не одбиваат да се соочат меѓу себе. Лидерот на СДСМ, Филипче вели дека неговата партија е целосно подготвена за предвремени избори во секое време, но нема да му служи како политичко алиби на премиерот Христијан Мицкоски. Готов е мастер планот и договорот со граѓаните за изборите, рече Филипче. Посочи дека СДСМ е отворена за соработка со сите опозициски партии за настап на изборите, а ги покани и „Левица“, доколку се откажат од анти НАТО и анти ЕУ ставови.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија – Венко е сосема одлепен од реалноста, го повторува она што му го диктира Заев иако јасен му е епилогот од изборите и затоа бега од соочување со граѓаните.

„Единствен човек во државата кој не сака избори и бега од нив е Венко Филипче. Од месечината се гледа дека јасно му е и на него каков дебакл ќе доживеат и како ќе бидат поразени од граѓаните“-ВМРО-ДПМНЕ со реакција за предвремени избори.

За избори се начелно и ДУИ и „Левица“, но со самостоен настап.

 

Ирина Гелевска