Македонија губи над 60 отсто од водата за пиење, во некои региони загубите над 80%
Македонија се соочува со огромни загуби на вода – лани биле изгубени 63,05 отсто од водата, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика. Во некои региони загубите надминуваат 80 проценти, а речиси половина од водните претпријатија работат со финансиски загуби. Експертите предупредуваат дека климатските промени дополнително го зголемуваат ризикот од недостиг на вода.

Македонија трпи огромни загуби на вода, кои во некои региони надминуваат 80%, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика. Се бара голема одговорност на водниот сектор како еден од најранливите на последиците од климатските промени.
Статистиката вели дека само минатата година, загубите на вода изнесувале 63,05% и се помали за 0,16% во споредба со 2024. Намалување од 0,33 кубни метри има и кај просечната месечна потрошувачка на домаќинствата, која во 2025 изнесувала 12,59 метри кубни. Најмала потрошувачка има Југозападниот Регион, од 8,67 кубни метри, а во Вардарскиот е најголема со 15,10 кубни метри.
Најголемото количество питка вода се губи во цевките на водоводните претпријатија.
Речиси половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба, а кај најголем дел од нив и загубата на вода е поголема од 40%. Загубите на водата за пиење, во непредвидливите климатски промени, често не се сфаќаат сериозно, па затоа може да има проблем на долг рок конкретно за некои општини.
Регулаторите не можат да ја работат работата во полн капацитет ако надлежноста половична. Над 60% е загубата на водата од извор до чаша.
Енергетската криза помина, но кризата во неодговорното управување со водата е витална.
Со слични проблеми кога се загубите во прашање, се соочуваат и земјите од Европа и светот.
Секој четврти човек на планетата нема пристап до безбедна вода за пиење, што значи дека околу 2 милијарди луѓе ширум светот се соочуваат со проблем. Обединетите Нации определија дека со агендата 2030 година секој ќе има безбедна вода, но сè уште многу се заостанува во реализација. До 2050 година пак, дополнителни 1 милијарда луѓе се очекува да живеат со екстремно висок стрес од вода.
Питката вода е исклучително скапоцен ресурс, користете ја, но разумно, таа ќе биде новото злато.
Борис Грујоски
