Од Собранието порака за поддршка на Украина на 35-годишнината од независноста
Поддршка за Украина и нејзината борба за територијален интегритет беше испратена од сесијата на Интерпарламентарната група Кримска платформа, по повод 35-годишнината од независноста на Украина. Потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски порача дека поддршката е потврда на заедничките европски вредности.

Секој демократски народ во светот, особено во Европа, треба да ѝ ја даде својата поддршка на Украина и со тоа да покаже дека споделува заеднички вредности и дека припаѓа во едно заедничко семејство, рече потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски, на сесија на Интерпарламентарната група Кримска платформа, на 35-годишнината од возобновената независност на Украина.
Украинската амбасадорка во земјава, Лариса Дир, потсети дека на 24 август 1991 година, Врховната Рада ја прогласи независноста на Украина. Таа посочи дека независноста и слободата за Украинците отсекогаш биле темелни вредности што ги поттикнувале на борба и им давале сила да го зачуваат својот идентитет во времињата без сопствена држава.
Претседателот на собраниската група Кримска платформа, Оливер Спасовски, вели дека ја поддржуваат Украина во борбата да го зачува својот територијален интегритет од руската агресија.
Поддршка за напорите на украинската држава да се ослободи од руската окупација во поодделни региони дадоа и амбасадорите на Франција, Германија, Литванија и Полска во нашата земја.
Игор Панов
