Пожари низ земјава, чад го прекри Скопје
Високите температури и денеска го зголемуваат ризикот од пожари. На Китка пожарникарите спасиле мало теле од огнената стихија, додека хеликоптер на МВР интервенирал за ставање на пожарот под контрола. ЦУК со апел до граѓаните на внимателност.

И ова лето огнот е еден од најголемите предизвици за пожарникарите. И денеска се интервенира на повеќе локации во земјава, а високите температури дополнително ја отежнуваат ситуацијата.
Но, зад бројките и интервенциите на пожарникарите стојат и приказни во кои секоја секунда значи живот. Во огнената стихија, додека пожарите беснеат низ земјава, пожарникарите ги спасуваат и оние кои не можат сами да се спасат. Мало теле, извлечено живо од огнот и пепелта на Китка.
Попладнево чад го прекри главниот град и миризба ги вознемири скопјани. На пожарот на Китка дејствувал и хеликоптер на МВР со цел ставање на огнот под контрола. Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Ангелов во попладневната изјава објасни од каде доаѓа мирисот на чад.
Активни пожари има на повеќе локации низ земјава. Од ЦУК апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни, особено при престој во природа, и да избегнуваат користење оган на отворено.
Ана Јосифоска
