Се појави мистериозен и исклучително моќен нов модел на вештачка интелигенција
Новиот модел на вештачка интелигенција наречен „Окс Алфа“, за кој не е познато кој стои зад него, предизвика големо внимание во светот на технологијата и вештачката интелигенција.

Тестовите за перформансите на „Окс Алфа“, кој стана достапен на платформата „ОпенРутер“, покажаа дека моделот може да им конкурира на најнапредните системи развиени од водечките компании во индустријата, како „ОпенАИ“ и „Антропик“.
Во објаснувањето за системот, кој на платформата е означен како „таен модел“, се наведува дека со него управува надворешен провајдер, кој одлучил да го задржи својот идентитет во тајност за време на периодот на тестирање.
Иако се наведува дека податоците внесени од корисниците се чуваат од страна на провајдерот, но не се користат за обука на моделот, неизвесноста околу неговиот развивач предизвикува загриженост во однос на безбедноста на податоците.
И покрај сите овие неодговорени прашања, програмерите веќе почнаа активно да го користат системот. Моделот може да обработува текстуални, визуелни и видеосодржини, а и покрај високиот капацитет за обработка, достапен е речиси неограничено и бесплатно.
Перформансите на моделот на вештачка интелигенција предизвикаа големо внимание во технолошките кругови.
Извршниот директор на „Страјп“, Патрик Колисон, изјави дека е импресиониран од способностите на системот, додека експертите продолжуваат да го истражуваат потеклото на моделот и неговото можно влијание врз пазарот.
Анонимноста на развивачот поттикна различни шпекулации за потеклото на системот. Првичните процени, иако не се поткрепени со конкретни докази, упатуваат на технолошки компании од Кина.
Практиката на кинеските компании да ги пуштаат своите нови модели во употреба без претходна најава ги издвојува како можни кандидати компанијата „Зет.аи“, која претходно го тестираше моделот „ГЛМ-5“ под друго име, како и големите технолошки производители „БајтДенс“ и „Алибаба“.
